СДСМ: Пописот ќе се спроведе со целосна заштита на здравјето на сите учесници, сите да дадеме придонес во развојот на државата

(интегрален текст од прес конференцијата на пратеничката на СДСМ, Даниела Колева) Преку пописот како најмасовна и најсложена статистичка операција, државата, кончено, по 19 години ќе добие целосни, релевантни и сеопфатни податоци.

Граѓаните да бидат спокојни, спроведувањето на пописот ќе биде со целосно почитување на здравствените протоколи и мерки за заштита од коронавирусот.

Здравјето на сите, како на граѓаните, така и на попишувачите ќе биде целосно заштитено, процесот на попишување ќе биде целосно безбеден од здравствен аспект.

Преку добиените податоци од пописот, ќе се создаде јасна слика за образовната, демографската и социјалната структура, ќе се добијат јасни информации за потребите на општините и планските региони.

Целосни, релевантни податоци за структурата на населението, на домаќинствата и становите се од особена важност за државата, институциите, општините, но и за бизнис секторот и граѓанските организации.

По цели 19 години без спроведен попис, неговото одржување оваа пролет е најважна државничка работа и врвен патриотски чин. Тој мора да биде заеднички успех на сите граѓаните, на сите општествени чинители.

Граѓаните да не подлегнуваат на манипулациите и повиците за бојкот на оваа важна статистичка операција.

Бојкотот на пописот е кривично дело, постапка која не носи ништо добро за никого, чин што предизвикува штета на државните и национални интереси.

Оние кои повикуваат на бојкот не и мислат добро на државата и работат спротивно на интересите на граѓаните.

Со учество на пописот секој придонесува кон држава базирана на податоци, а не на претпоставки.

Преку учество во процесот на попишување секој поединец дава свој придонес во развојот на својата татковина, на своето населено место.

Затоа е важно секој од нас да учествува во пописот и да учествува во создавање на извесна, предвидлива иднина за својата држава.

 

 



Share

Додади коментар