Граѓаните кои имаат бесправно изградени објекти добија продолжен рок за нивна легализација. На последната владина седница биле подготвени измени на законот со кои е предложено да се продолжи рокот за комплетирање на поднесената документација, како и нов рок за поднесување на барања за легализација.
Денеска на прес конференција, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Слвачо Трпевски информираа дека со законските измени е предложено рокот за поднесување барања да продолжи до 31 март 2016 година, а за оние коишто веќе имаат поднесено барање да можат да достават геодетски елаборати до 31 декември 2016 година.
Со ваквите измени им се излегува во пресрет на сите граѓани, смета министерот Мисајловски.
Првичниот рок за доставување на геодетски елаборати истекуваше на 31 декември оваа година. Мисајловски очекува голем број нови барања за легализација на дивоградби.
Трпевски информира дека во првичниот рок за поднесување барања за легализација на дивоизградени објекти беа доставени 360.000, од кои за 175.000 се поднесени елаборати, а запишани во катастарот и легализирани се 135.500 барања.

Додади коментар