Македонија ги слави двата Илиндена

Денот на Републиката оваа година се одбележува под мотото „Од сон до Сонце“. Македонија денеска одбележува 111 години од големото илинденско востание и 70 години од првото заседание на АСНОМ.

Претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски  се обрати на централната свеченост во Крушево Се  положи  цвеќе на гробот на Никола Карев, на местото Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен, каде што се одржа голем народен собир. Премиерот Никола Груевски, пак,  се обрати на собирот во Пелинце, а претседателот на државата Ѓорге Иванов во Скопје, пред споменикот на Методија Андонов - Ченто, претседател на Президиумот на АСНОМ.

Славењето на првиот Илинден, неминовно е славење и на вториот и третиот македонски Илинден, зашто Илинден не е само Илинденското востание од 1903-та. Илинден е и државотворниот АСНОМ од 1944 и независна и суверена Република Македонија од 1991 година, истакна претседателот Ѓорге Иванов на одбележувањето на Денот на Републиката во Скопје.

- Во овие 111 години, едни се обидувале да ни забранат да го славиме Илинден. Други се обидувале насилно да наметнат славење на некој, за нас непрепознатлив Илинден. Но, македонскиот народ не е наивен и знае дека водата е најчиста на изворот. Илинден е изворот на македонската слобода. Извор од кој се напојуваа генерации борци. Македонскиот народ никогаш не дозволи тој извор на слободата и самобитноста да пресуши или да биде заматен. Тој остана чист и непресушен симбол на нашиот непокор, нашата борба и нашата освоена слобода, рече претседателот на државата во обраќањето пред споменикот на Методија Андонов-Ченто.

„Татнежот на двата Илиндена се слуша и денес, нивната порака е цврсто втемелена во она што сме и во она што го работиме. Затоа честа е голема, заеднички да го одбележиме 2 Август, денот кој е симбол на македонската борба за слобода, на борбата за права и правдини, борбата за самостојност, државност, еднаквост и мирен живот на сите кои Македонија ја нарекуваат и длабоко ја чувствуваат за свој дом.  Ова го порача премиерот Никола Груевски на прославата на 70 години од Првото заседание на АСНОМ и 111 години од Илинденското востание во Пелинце.

Почетокот на Илинденското востание го објавиле камбаните во Крушево на полноќ спроти Илинден 1903 година. Околу 800 востаници го ослободиле градот, а по два дена Никола Карев ја прогласил Крушевската Република и станал нејзин претседател. Републиката траела десет дена.

Под команда на Бахтијар-паша, 18-илјадна османлиска војска тргнала во акција за враќање на власта во Крушево. Последните истрели на Мечкин Камен и загинувањето на војводата Питу Гули, го означиле и крајот на Крушевската Република.

Четириесет и една година по Илинденското востание, во манастирот Св. Прохор Пчињски кај Куманово 115 делегати го одржале Првото заседание на АСНОМ, на кое е потврдена општествено-правната положба на Македонија како рамноправна федерална држава во рамките на ДФ Југославија. Заседанието го отворил Панко Брашнаров, најстариот делегат и сведок на двата Илиндена. Избран бил Президиум на АСНОМ, под претседателство на Методија Андонов-Ченто.



Share

Додади коментар