Од државниот завод за статистика денеска преку соопштение, целосно ги отфрлаат пишувањата во некои медиуми, дека апликацијата за попис е пробиена. Велат дека таквите тврдења биле неточни и деструктивни.
“ Во врска со внесувањето на податоци преку VPN, односно прикриена IP адреса, самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци“ пишуваат од ДЗС и додаваат дека со самиот внес на податоците на таков начин, не значи дека тие автоматски влегуваат во резултатите од Пописот, напротив, сите податоци внесени преку апликацијата подлежат на проверка и споредување со претпописната база на податоци, со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен на целата територија на дела држава, а сè со цел утврдување на вистинитоста на податоците.
Од статистика исто така нагласуваат дека секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на Пописот и е казниво со Закон.
„До апликацијата може да се пристапи само со IP адреса од странство. Пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен, токму поради тоа што Апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за Попис, односно: Согласно член 49 од Законот за Попис на населението, „Тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“ велат од ДЗС.
При регистрацијата на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците.
Од ДЗС појаснуваат дека апликацијата за само попишување е во согласност со Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година и Упатството за само попишување на лицата отсутни во странство.
Со пријавувањето на Апликацијата корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација, и телефонски број на корисникот.
Пред да се запишат податоците за регистрација во Апликацијата, корисникот селектира дека е согласен со Уловите за користење, каде што е наведено следното:
Собраните податоци преку Апликацијата за само попишување ќе се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на само попишани лица преку Апликацијата за само попишување не значи по автоматизам број на резидентно население на Република Северна Македонија.
При внесот на адресата, освен улица, не е задолжително полето број и стан, бидејќи во некои населени места - села не постои улица, број и стан.
Во врска со јавното објавување на лични податоци во медиумите и на социјалните мрежи, сметаме дека е повреда на личните права заштитени со Законот за заштита на лични податоци, за што Агенцијата треба да постапува – стои во соопштението од ДЗС.

Додади коментар