Денеска во целиот свет се одбележува Светскиот ден на борбата против сиромаштијата.Според проценки на ОН во светот има повеќе од 2,2 милијарди луѓе кои се сиромашни или на праг на сиромаштија.Програмата на ОН за развој (УНДП) како главни причини за раст на сиромаштијата ги наведува поскапување на храната и војните, но и финансиската криза и природните катастрофи.ОН вели дека основната социјална заштита за најсиромашните во светот би чинела помалку од два отсто од светскиот БДП.
Во извештајот се посочува дека во последните години социјалните разлики се зголемуваат, во најтешка позиција се децата, младите, старите лица и жените, а економската криза дополнително го намалува бројот на работни места.Европската Унија 2010 година ја прогласи за Европска година за борба против сиромаштијата и социјалните разлики.
Нееднаквоста во светот е застрашувачка. Најмалку 80 проценти од човештвото живее со помалку од 10 долари на ден, 25.000 деца секојдневно умираат како последица на сиромаштијата, 12,3 милиони луѓе се жртви на присилна работа, 186 милиони луѓе се невработени и приближно една милијарда луѓе влегоа во 21 век неписмени. Македонија не е имуна на ваквите состојби. И кај нас се отсликуваат светските трендови во поглед на сиромаштијата и социјалната исклученост. Според некои процени на ООН, околу 50 отсто од населението на РМ живее во некаков вид сиромаштија. И додека стапката на сиромаштија е висока на целата територија на Република Македонија, некои социјални групи се несразмерно повеќе изложени на сиромаштија отколку други.
Сиромаштијата и социјалната исклученост не подразбираат само економска зависност туку, воедно, претставуваат и грубо кршење на човековите права. Луѓето кои немаат приходи и средства, се чувствуваат исклучено од јавниот и од социјалниот живот. Сиромаштијата создава круг во кој се нарушуваат човековите права во поглед на животните услови и стандарди, а последиците се недоволни приходи, несоодветно образование, здравство, домување, отежнат пристап до јавните услуги, намалено учество во социјалниот и во политичкиот живот во општеството итн.

Додади коментар