Илјадници граѓани деновиве почнаа да ги добиваат даночните решенија од Управата за јавни приходи, која ги известува дека должат денар, два за персонален данок на доход. И вообичаено како и изминатите години, повторно паника и реакции. Граѓаните што добиле вакви решенија велат дека нема смисла да се малтретираат за еден денар долг и оти повеќе ќе ги чинат банкарските провизии за уплатата. Од Управата за јавни приходи открија дека вакви решенија испратиле до 26 илјади граѓани што добиле известување за даночна обврска од еден денар. Од таму ги повикуваат овие граѓани да дојдат во УЈП за да се среди нивната даночна состојба. Граѓаните пак паника ги фаќа и од самата помисла дека им должат макар и денар на даночниците.
Од УЈП се децидни дека граѓаните само треба да се појават на нивните шалтери за да расчистат со долгот.- Околу 26 илјади граѓани добиле известување за даночна обврска од 1 денар. Ги повикувам во УЈП за да се среди нивната даночна состојба, по што ќе им биде кажано дека веќе не должат ништо. Не казнуваме никогаш за еден денар – вели Горан Трајковски, директор на УЈП.Инаку изминатите години големи реакции во јавноста предизвикуваа баш овие даночни решенија со кои се регистрира минимален долг. Ако во почетокот Управата инсистираше дека данок си е данок и оти мора да се плати, макар бил и од еден денар, сега веќе и даночниците попуштија и се децидни дека најверојатно само се работи за несовпаѓање во податоците.

Додади коментар