Институтот за јавно здравје добил лабораториска потврда за втор случај на западно-нилска треска во државата. Се работи за бебе (со неполна година), кое не патувало надвор од државата, а симптомите на болеста започнале пред неколку дена, по што било хоспитализирано на Клиника за детски болести со покачена температура, течна столица и секрет од нос.
Во моментов, бебето е во добра општа состојба и пуштено е на домашно лекување вчера попладне.
Станува збор за заболување што се пренесува со каснување од заразен комарец со вирусот на западно-нилска треска. Кај најголем број заболени, болеста може да помине асимптоматски (без симптоми), додека кај помал дел од заболените се јавуваат симптоми како висока температура, треска, главоболка, мачнина, замор и сл, а само кај 1 процент може да се јават посериозни компликации (менингитис, енцефалитис, полиомиелитис-парализа).
Најдобра превентива е самозаштитата (користење креми и средства против комарци), како и дезинсекцијата на јавни површини.

Додади коментар