Бремените жени и повозрасните да бидат претпазливи доколку немаат прележано варичела, позната како овчи сипаници. Во овој период сипаниците забрзано се шират, најмногу меѓу децата, а се очекува бројот на заразени да расте. Иако може да направи компликации, децата варичелата најчесто ја преболуваат на нозе.
Меѓутоа, сипаниците може да се опасни за трудници, хронично болни и повозрасни, доколку никогаш не ги прележале овие сипаници. Тие може да го заразат и плодот во мајчината утроба. Во текот на годинава, досега, се регистрирани 8.843 заболени лица од овчи сипаници. Во првата недела на декември се пријавени 319 случаи на овчи сипаници. Вкупниот број пријавени случаи на овчи сипаници во 2016 година е за 2,1 пати повисок во однос на истиот период минатата 2015 година, а во споредба со просечниот годишен број на заболени од овчи сипаници во последните 10 години, исто така постои зголемување за истиот период, и тоа изнесува 24,3 проценти информираат од Институтот за јавно здравје.
Од таму велат најзафатени се возрасните групи на деца до шест години и деца на возраст од 7 до 14 години Болеста, може да биде сериозна кај постарите возрасни групи и кај имунокомпромитираните пациенти (оние што имаат намален имунитет), а најчеста компликација се бактериските суперинфекции на кожата. Бремените жени имаат малку зголемен ризик од компликации, кои се ретки и вклучуваат: воспаление на белите дробови, воспаление на мозокот, воспаление на црниот дроб.
Компликациите кај бремените жени може да бидат многу сериозни и да завршат фатално, но благодарение на антивирусните лекови и интензивната нега, ова е многу ретко. - Во текот на првите 28 недели од бременоста не постојат докази за зголемен ризик од абортус, но постои мал ризик за развивање фетален варичела-синдром, кој може да ги оштети кожата, очите, екстремитетите, мозокот и други органи на плодот. Од 28-та до 36-та недела вирусот останува во организмот на плодот, но не предизвикува никакви симптоми.
Сепак, може да се активира повторно во првите години од животот на бебето и да предизвика херпес зостер. По 36-та недела од бременоста бебето може да е инфицирано и да се роди со варичела – појаснуваат од институтот.

Додади коментар