DW: „Со старите тактики до нови гласачи“

Притисоци во образовните институции, уцени и закани за работното место, злоупотреба на социјално ранливите категории на граѓани и низа други облици на кршење на човековите права и слободи во изборен контекст...Тоа се дел сведоштвата на граѓани со кои се среќаваат мобилните тимови на невладини организизации за мониторинг на предизборниот период во повеќе општини во земјата – пренесува Дојче Веле.

 

Во текстот се наведува дека една од организациите кои го мониторираат предизборниот процес  е „Цивил - Центар за слобода“, која по постигнувањето на меѓупартискиот договор за одржување предвремени парламентарни избори на 11-ти декември, ги активира сите капацитети за долгорочен изборен мониторинг. Истите активности организацијата ги спроведуваше и за претходно најавените изборни циклуси, кои потоа беа одложени.

 

„'Цивил' во континуитет ја набљудува состојбата на теренот преку своите регионални и мобилни мониторинг тимови низ целата земја. Речиси секој ден пристигнуваат извештаи и информации за силен притисок врз граѓаните. Притисокот е засилен особено врз социјално ранливите категории на граѓани, уценување и корумпирање со ветувања за вработување, но и со закани за отказ. Се бележат и бројни злоупотреби на јавните ресурси за партиски цели. Во извештаите од теренот се бележи посебно изразен притисок врз учесниците во 'Шарената револуција'. Оваа недела пристигна извештај дека една граѓанка е отпуштена од работно место во мала продавничка. Оштетената тврди дека била предмет на мобинг и политички притисок од сопственикот на продавницата поради тоа што нејзиниот сопруг бил учесник во 'Шарената револуција'. Повеќе набљудувачи на 'Цивил' јавуваат и за директни притисоци врз нив“, вели претседателот на оваа организација, Џабир Дерала.

 Во директна комуникација со граѓаните, локалните медиуми, со претставниците на граѓанското општество и политичките партии, тимовите разменуваат информации за политичката ситуација, за дејствувањето на партиите на теренот, како и за состојбата на човековите права и слободи, со фокус на изборниот процес. Податоците од анализата на состојбите на теренот во изминатиот период, организацијата ќе ги соопшти во текот на наредната недела. Досега искуството на тимовите покажало дека дел од соговорниците и натаму сакаат да останат анонимни поради страв од последици за нивните работни места, социјалниот статус, па и безбедноста, но некои се охрабриле и јавно да говорат.

 

Расте свеста за важноста од фер-избори, но и бројот на граѓански иницијативи кои се посветени на надминувањето на досегашните изборни манипулации. Притисоците традиционално се најголеми врз социјално ранливите категории - сиромашни, невработени, приматели на социјална помош...

 

Македонија веќе една година се обидува да воспостави елементарни стандарди за фер-избори, во кои покрај другите услови, најважно е да нема заплашување на гласачите. Во писмото до премиерот испратено на 21 февруари во кое се потенцираше дека во тој момент не се исполнети условите неопходни за организирање кредибилни избори на 24 април, амбасадорите на САД и на ЕУ изразија загриженост за „првичните извештаи за вршење притисок и заплашување гласачи и на други лица“. Тоа покажа дека дотогаш не е направен исчекор во однос на забелешките потенцирани и во Извештајот на Прибе од 8 јуни 2015 година: „Очигледната директна вмешаност на високи владини и партиски службеници во нелегални активности, вклучувајќи изборни измами, корупција, злоупотреба на моќ и власт, конфликт на интереси, уцена, изнуда (вршење притисок врз државни службеници да гласаат за одредена партија под закана дека ќе бидат отпуштени од работа)...“

 

извор: DW



Share

Додади коментар