На 19 август 1982 година, на итната специјална седница на Генералното собрание на Обединетите Нации во врска со прашањето за Палестина и поттикнато од огромниот број на невини деца од Палестина и Либан-жртви на израелскиот чин на агресија, донесе одлука да го прогласи 04 јуни за меѓународен ден на невините деца-жртви на агресија.
Целта на овој ден е да се оддаде признание на болката и страдањата што ги прежувуваат децата ширум светот-жртви на физичко, психичко и емоционално насилство. На овој ден Обединетите нации ја потврдуваат својата посветеност и обврзаност кон заштитата на правата на децата.
Статистичките податоци во врска многуте форми на злоупотреба на децата се ужасни: преку 2 милиони деца се убиени во конфликти во последните две децении; околу 10 милиони деца-бегалци, згрижени од страна на УНХЦР; околу 80 илјади деца годишно умираат како резултат на насилство во семејствата.... (http://www.intuition-in-service.org/june.cfm).
Иако е тешко да се одреди точен број на деца војници, според УНИЦЕФ , околу 300 000 деца низ светот се деца војници. Ова не подразбира само деца на фронт кои имаат оружје во рака, туку и деца кои на било каков начин се условени да бидаат дел од воени организации.
Човештвото, како никогаш до сега, се организира со цел да ги стави децата на прво место во процесот на градење на подобар свет, а овој ден исто така им оддава почит и на милионите индивидуалци и организации кои што работат на заштитата на правата на децата.
По повод меѓународниот ден на децата жртви на агресија би сакале да потсетиме на едно турбулентно и воинствено време кое не би сакале да се повтори. Во не така далечната 1992 година, кога започна војната во поранешна Југославија, само во Босна и Херцеговина над 1600 деца ги загубија животите. Во тој миг, се уште недооформената Прва детска амабасада МЕЃАШИ за Република Македонија, во која беа вклучени неколку граѓани и граѓанки, се соочи со почетокот на босанската војна. На дадениот апел за помош, уште истиот момент одговорија голем број семејства, но и институции како детски одморалишта, домови, хотели, Црвениот крст, Министерството за труд и социјална политика, како и многу невладини организации. Во истиот миг беа згрижени илјадници деца, жени, стари луѓе. Во текот на наредните години МЕЃАШИ за децата бегалци во Македонија обезбедуваше храна, образование, медицински прегледи, часови по изучување англиски јазик, културно- забавен живот, итн. На овој начин Македонија и невладиниот (граѓанскиот) сектор на светот му покажаа висока граѓанска свест, солидарност и човечност. По извесно време, поточно во 1993-1994 година еден дел од децата бегалци од Босна заедно со своите родители заминаа во САД и во западноевропските земји. Во оваа преселба беа офатени над 4000 луѓе од кои 2500 беа деца. Сето ова беше овозможено преку контактите и услугите на Првата детска амбасада во светот "Меѓаши" (Македонија).
Мисијата продолжи и за време на косовскиот и македонскиот конфликт. Првата детска амбасада беше активна и за време на косовскиот конфликт (1999-2000 година). Во во камповите Радуша, Стенковец 1и 2, Непроштено, Радуша, Бојане и Чегране, волонтерите/ките на Амбасадата секојдневно организираа спортски, ликовни, образовни и творечки активности за децата бегалци.
Во 2001 година се случи и конфликтот во Македонија. Детската амбасада МЕЃАШИ беше активно вклучена давајќи поддршка на внатрешно раселените деца во период од 5 години.
За жал потенцијалните конфликти и воените агресии низ светот продолжуваат a во нив најбеспомошни и најранливи се децата.

Додади коментар