Според националните календари и законски уредените денови за празнување, Македонија е меѓу земјите во Европа со најмногу празници во годината, заедно со Кипар и Словачка.Со Законот за празници во Македонија како неработни денови за сите граѓани се прогласени 11 државни празници. Во оваа група влегуваат Нова Година, Божик, 1 Мај Денот на трудот, вториот ден на Велигден, 24 Мај посветен на Св. Кирил и Методиј, 2 Август Денот на Републиката, првиот ден на Рамазан Бајрам, 8 Септември- Денот на независноста, Денот на народното востание 11 Октомври, 23 Октомври Денот на револуционерната борба и 8 декември Св. Климент Охридски.Покрај државните се празнуваат и верски празници. Така за верниците од православна вероисповед уште пет дена се неработни - Бадник, Водици, Велики Петок, Духовден и Голема Богородица. Верниците од католичка вероисповед празнуваат уште три дена католички Божик и Велигден и Празникот на сите светци. Припадниците на муслиманска вероисповед, пак, го одбележуваат и Курбан Бајрам.Согласно законот и секоја етничка заедница има свој празник, па листата на празници се зголемува за уште по еден ден за припадниците на албанската, српската, турската, ромската, влашката, еврејската и за бошњачката заедница.Во регионот рекордер е Словенија со 15 дена државни празници, еден ден помалку има Хрватска, 13 има Бугарија, а Грција 12 дена. Србија е на дното на листата со само осум неработни празнични дена годишно како државни празници. Во другите земји од Европа водат Кипар и Словачка со 15 денови прогласени за државни празници. Во светот пак, Колумбија е на врвот на листата со 18 дена прогласени за државни празници, а најмалку има Мексико, само седум дена.

Додади коментар