Во рамки на стопанско туристичката и културна манифестација Тиквешки гроздобер 2016 кавадарчани ќе можат да го погледнат растот и развојот на кавадаречката чаршија. На 40 паноа ќе бидат сместени околу 160 фотографии. Автори на излжбата се Петре Камчевски, директор на Музеј Галерија Кавадарци и Димитар Мурџев, новинар и актуелен раководител на Службата за односи со јавноста при општина Кавадарци.
Изложбата е насловена “Чаршијата во Кавадарци некогаш и денес“, а ќе биде отворена во петок во 12 часот во Музеј Галерија Кавадарци.
Кавадарци како населено место во македонската историја се споменува во 1519 година како мала рурална населба во составот на Ќустендилскиот санџак.
Првиот запис за кавадаречката чаршија го направил патописецот Евлија Челебија во 1664 година кога запишал дека Кавадарци има убава чаршија со 70-сетина занаетчиски и трговски дуќани, два трговски ана и организиран градски живот.
Во чаршијата се вршел целокупниот јавен живот во градот, тука биле концентрирани најголемиот дел од занаетчиските и трговските дуќани во градот. Во чаршијата на едно поголемо багремово дрво имало закачено ѕвонец, со чие што ѕвонење со изгревот на сонцето се отворала чаршијата, а со негово повторно чукање со залезот на сонцето, чаршијата се затворала. На истото дрво имало и кантар на кој се мерела целата стока што се носела на пазар или пак се продавала во чаршијата. Најпознати кавадаречки кантарџии биле: Ибраим Аки Дураков, Шефки Мемедов Бег и Аки Ефенди Ага, а последниот кавадаречки кантарџија бил Александар Боцев.
Чаршијата во Кавадарци била огледало на градот, тука се случувале најважните настани од градското живеење. Значаен белег на кавадаречката чаршија било корзото кое долга низа години било една од кавадаречките атракции. На корзото во попладневните часови шетале младите и возрасните, посебно машките, посебно женските.
Од занаетчиите во чаршијата имало најмногу: шивачи, столари, чевлари и опинчари, бербери, казанџии и калајџии, ортомари, мутавџии, колари, бочвари, налбати, клинчари, самарџии, сарачи, слаткари, бозаџии, содаџии, фурнаџии, леблебиџии, лимари, месери и др.
Во 1908 година за време на Младотурската револуција во чаршијата бил прославен Уриетот, односно победата на младотурците над последниот турски султан Абдул Хамид. Во 1913 година во чаршијата била прославена победата по Тиквешкото востание од 1913 година кога на општинската зграда било поставено револуционерното знаме на востаниците.
Во 1920 година во чаршијата била прославена победата на комунистите на Општинските избори, кога била воспоставена народна власт, а
Кавадарци било познато како “Црвено Кавадарци“. На 7 Септември 1944 година Кавадарци е ослободен од бугарска окупација од страна на борците на 9 македонска бригада, по што во чаршијата била организирана општонародна веселба, на која присуствувало скоро целото население од градот.
Почнувајќи од 1964 година во Кавадарци се одржува Тиквешкиот гроздобер, стопанска, културна и туристичка манифестација, која се одржува на градскиот плоштад и по која Кавадарци е познат во целиот регион.
Со воспоставувањето на повеќепартискиот систем во 1991 година, сите поголеми политички партии своите програми за локалните, парламентарните и претседателски избори ги претставуваат на градскиот плоштад (чаршијата).
Во текот на својата историја плоштадот во Кавадарци доживеал неколку поголеми реконструкции. Првата е во 1954 година, во 1963, 1971, а последната во 2010-2011 година, со цел на граѓаните да им овозможи плоштадот да го доживеат како најпрепознатлив белег на градот, суштествена потреба и нераскинлив дел од нивниот живот.
Додади коментар