„Кратки приказни“ со „трио Аура“ во Кавадарци
06-07-2015 КУЛТУРА

Кавадаречкото културно лето во петок на 10. Јули  вистински ќе го разбранува еден несекојдневен културен настан што ќе се случи во Домот на културата „Иван Мазов Климе“  со почеток во 21часот. „Кратки приказни“ е насловот на концертот на кој за првпат ќе се промовира триото „Аура“ со   дел од новите креативни возлети на композиторот Кокан Димушевски. Триото го сочинуваат тројца истакнати музички уметници. Флејтистот Страшо Темков, фаготистот Марјан Милошевски и пијанистката Ана Гацева сите мајстори на својот инструмент  со голем број солистички настапи во земјата и странство а на концертот во Кавадарци  за првпат како трио „Аура“.

            Непосредниот повод што ги собра во еден ваков камерен состав е музиката на Кокан Димупевски. Одамна позната како исклучителен  инструменталист и композитор, автор за кој не постојан жанровски граници, Димушевски последните години создава низа камерни композиции со кои уште еднаш ја потврди својата неверојатна музичка дарба. Посебно признание за него и доказа дека овој концерт ќе биде вистинско уживање за сите љубители на музиката е фактор што токму таа, музиката на Кокан Димушевски беше силна провокација,голем предизвик и вистинска инспирација тројцата уметници да се спојата во еден состав со желба тоа да има траен карактер и перспектива .

            Кратките приказни на Кокан Димушевски се всушност исечок од неговиот музички свет раскошен во својот колорит и неговите преливи, подеднакво возбудлив во својата неповторлива експресија. Музика што облагородува, главно лирска, питома но, и  со впечатлив драмски акцент. Она што ќе го слушнеме во петок од кратките приказни на Кокан  треба   да биде  доказ дека музиката денес како и секогап низ историјата треба да е „ОД ЧОВЕКОТ И ЗА ЧОВЕКОТ“.

           Mирјана Мукаетова



Share

Додади коментар