Периодов интензивно продолжуваат работите на терен за конзервација на еден од најзначјните културни споменици во Неготино, Саат Кулата. Имено, стручни екипи секојдневно се на терен и вршат расчистување на околината и внатрешноста на Саат Кулата.
„ Реализацијата на проектот Конзервација и реконструкција на овој значен културен споменик во Неготино започна пред неполн месец. Спроведувањето на проектот ќе се одвива во неколку фази, а во тек е првата фаза во која можам слободно да кажам дека работите се одвиваат во одлично темпо. Првата фаза од проектот се очекува да трае до крајот на годината кога се планира да бидат завршени сите активности од оваа фаза “- вели директорот на неготинскиот музеј, Ристе Марков кој секојдневно е на терен и го следи текот на работата.
Проектот за конзервација и реконструкција на саат Кулата во Неготино е проект на Музејот на град Неготино, секако поддржан од градоначалникот на општината Ванчо Апостолов, а се наоѓа и во годишната програма на Министерството за култура на Република Македонија за финансирање на проекти од национален интерес за 2015 година. Во рамки на оваа програма, Министерството за култура ја поддржа реализацијата на овој мошне важен проект за општина Неготино со околу 500 000 денари кои ќе бидат наменети за реализацијата на првата фаза на проектот. Во неа влегуваат стручните и геолошките истражувања на теренот односно испитување на статиката на објектот, археолошките истажувања во внатрешноста на објектот, расчистувањето и уредувањето околниот простор на парцелата во која се наоѓа. Подготовка на основен-стручен проект за конзервација од страна на Националниот Конзерваторски Центар и отпочнување и реставрација на овој споменик на културата.
Покрај финансиските средства од Министерството за култура, овој проект ќе се споведува и со финансиски средства и од Буџетот на општина Неготино во висина од 800 000 денари. Во иста насока а со цел за комплетна реконструкција на Саат Кулата и добивање на еден туристички и атрактивен простор, место за прошетка и уживање на граѓаните, општина Неготино аплицираше до Американската амбасада со проектот за внатрешно и надворешно опремување на споменикот како и уредување на околниот простор со поставување на урбана опрема и сувенирници. За реализација на овој проект од Американската амабасада општина Неготино треба да добие средства во висина од околу 5 милиони денари. Инаку, Саат Кулата е еден од најважните и најзначајните споменици на културата во град Неготино и датира од периодот на турското владеење. Според сочуваните натписи во каменот вградени над влезот во кулата, дознаваме дека е изградена во 1810 година од страна на турски големец Абдул Захир Ага, кога паралелно се изградени и џамија и затворен пазар со 15 дуќани. Во почетокот таа имала одбранбена улога, а подоцна со запоседнувањето на турското население на овој простор таа служела како саат, па и од таму го добила името Саат Кула. Саат Кулата во цеслост била сочувана се до 1995 година кога во пожар е уништена дрвената конструкција. Поради приспособување на теренските услови, секоја од шесте страни е со различни димензии, а зачувана е висината само на камената ѕидарија./ М.А
Додади коментар