Македонија 7 години тоне во сиромаштија, условите за живот од ден во ден се полоши, криминалот царува, младите се иселуваат. 600.000 луѓе живеат со по 150 денари на ден, народот нема ни за лекови, на лошата состојба мора да ставиме крај. Никогаш не било полошо, затоа важно е да ги поразиме. А за да ги поразиме потребни се избори, кои ќе бидат фер и демократски, на кои народот ќе може јасно да ја искаже својата волја. Со таа цел, во насока на обезбедување на безбеден и кредибилен изборен процес ВМРО-ДПМНЕ одлучи да учествува во техничката влада.
Вечерва ќе ја информираме јавноста за денешните одлуки на ИК на партијата. Во рамки на законот, а согласно ставот кој и до сега го имавме дека како политичка партија ќе предложиме технички министри во техничката влада која треба да спроведе фер и демократски избори, на денешната седница ИК одлучи да ги предложи за министри и дополнителни заменици министри следниве лица:
На чело на Министерството за внатрешни работи е предложен Панче Тошковски, актуелен претседател на правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ и долгогодишен адвокат. Панче Тошковски е магистер по кривично право и криминологија на Правниот факултет Јустинијан Први во Скопје, а воедно покрај работното искуство како адвокат, има и големо работно искуство и во државните институции. Во период од 2008 до 2011 година работел како советник во Министерството за транспорт и врски, Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во сопственост на Република Македонија, членувал во повеќе комисии и работни тела.
За нов дополнителен заменик министер за финансии е предложена Елена Петрова, висок професионалец во областа на финансиите. Станува збор за дипломиран економист, со над 25 годишно работно искуство во Управата за јавни приходи.
Елена Петрова 7 години била управник во Дирекцијата за јавни приходи – за големи даночни обврзници, а претходно била раководител на даночното одделение во Свети Николе, раководител на оддел во секторот за оперативна политика и едукација, како и раководител во сектор за утврдување и наплата на даноци во Генералната дирекција.
Ѓоко Велковски е нов предлог за кандидат за министер за труд и социјална политика. Велковски долги години работел во Министерството за труд и социјална политика, на различни работни позиции, а беше и генерален секретар на Град Скопје од 2021 до 2023 година.
За нов дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација е предложен Стефан Андоновски, досегашен меѓународен секретар на партијата и советник во Советот на Град Скопје. Стефан Андоновски во моментов е докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и магистер по меѓународни односи на Универзитетот Џонс Хопкинс во САД. Пред политичкиот ангажман, пет години работел во бизнис секторот во Македонија и е консултант на меѓународни донаторски проекти во областа на дигиталниот маркетинг, комуникациите и медиумите.
Цветан Трипуновски за дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. По вокација станува збор за дипломиран земјоделски инженер. Трипуновски, во моментот е претседател на комисијата за земјоделство на ВМРО-ДПМНЕ, во претходната техничка влада исто така беше на позицијата дополнителен заменик министер за земјоделие. Неговото работно искуство во Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство е долгогодишно, а од 2015-та до 2017-та година ја извршуваше функцијата директор на Државниот земјоделски инспекторат, а во периодот од 2006-та до 2008-та година бил прв човек на државната фитосанитарна лабораторија.
Додади коментар