Од 1 јули во примена електронската здравствена картичка

Електронската здравствена картица во Македонија почнува да се применува од први следниот месец. Ќе се заменат со неа досегашните здравствени легитимации, а ќе се укинат и сините картони.

Со цел да не се создават непотребни гужви на шалтерите, Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ) ја олеснува постапката за пензионерите и лицата постари од 70 години, односно им овозможува до 30 јуни годинава,  до кога е крајниот рок да ги достават потребните податоци за издавање на електронска здравствена картичка (ЕЗК) до нивните матичните лекари. Истовремено со барањата тие треба да ги достават и уплатниците за платената сума за картичка за да може матичниот лекар да ја достави комплетната документација. Но за подигање на готовата ЕЗК сепак осигуреникот лично треба да ја подигне или некој член од неговото семејство.

Од Фондот истовремено ги информираат сите пензионери, кои имаат над 70 години дека можат да се јават на бесплатниот телефон на Фондот 0800 33222 и ако немаат доставено документи за ЕКЗ да побараат документацијата за аплицирање за картичката да им биде преземена од нивните домови. Оваа услуга ќе ја имаат и лица кои се изнемоштени или се во лоша здравствена состојба и не се во можност да ги достават документите во подрачните служби. Како што објаснуваат од оваа здравствена институција во нивните домови ќе дојдат лица за заедно да ги пополнат формуларите.

Невработените лица со нивната пререгистрација веќе аплицираа за ЕЗК, а во постапка е уште процедурата и за правните лица кои ги доставуваат или подготвуваат потребните документи. Само во Подрачната служба Скопје на ФЗОМ има пет шалтери на кои граѓаните ќе можат да поднесат барање за издавање на ЕЗК.

Досега месечно се издаваа околу  150.000 картички. Изработени се околу 900.000 ЕЗК, а 200.000 се во фаза на изработка. Остануваат дополнително уште 700.000 до 800.000 податоци за издавање ЕЗК кои ќе бидат готови во текот на јуни.

Министерот за здравство, Никола Тодоров информира дека сите оние кои нема да поднесат барање за издавање ЕЗК до 30 јуни ќе треба да дојдат лично во ФЗОМ и таму да ги подигнат сините картони, а тогаш ќе мора да го пополнат и писменото барање за издавање на ЕЗК.

Од Фондот и од Министерството за здравство апелираат да не се чека крајниот рок и податоците за издавање ЕЗК да се достават што е можно порано. 



Share

Додади коментар