Кавадаречкиот совет денеска го усвои буџетот за 2023 година.
22-12-2022 РЕГИОН

 Општинската каса на Кавадарци за следната година ќе тежи 1.168.596.000 денари.

 

Со 12 гласа „за“ советот на општина Кавадарци го усвои буџетот за следната година. Димензиониран е на околу 19 милиони евра, од кои 574 милиони денари тежи основниот општински буџет. Приходите од самофинансирачки активности се предвидени на 50 милиони денари, приходи од дотации во износ од близу 528 милиони денари, од донации над 16,5 милиони денари, а приходи од кредити не се предвидени.

 

За мнозинството во советот,  станува збор за развоен буџет, кој ќе покрие интензивна комунална изградба во сите населени места од општина Кавадарци. Опозицијата пак смета дека во општинската каса не се предвидени капитални проекти.  

 

„Акцент се става на комуналната изградба. Ќе се реализираат значајни капитални проекти“ рече меѓу другото во својата дискусија претседателот на советот д-р Стојанчо Рамов.

 

Сите советници од мнозинството кои дискутираа за буџетот кажаа дека ќе го гласаат,  бидејќи проектите кои се предвидени за реализација следната година се од интерес на сите граѓани.  Независниот советник  Јован Златевски рече дека бројката на буџетот е солидна и дека е за 6% поголема од буџетот за 2022 година. Побара иако градоначалникот е предлагач, сепак и советниците да имаат можност да даваат свои предлози во подготовката на општинската каса за наредните години.

 

Советникот Вуко Мелов од СДСМ искажа незадоволство од тоа што градоначалникот не ги прифати 13-те амандмани поднесени од неговата советничка група, кои се однесуваа за поддршка на општата болница, еднократна помош на лицата со посебни потреби, пензионерите, но и неколку интервенции од комуналната изградба.

 

Градоначалникот Јанчев оцени дека советниците имаа плодна дискусија по предложениот буџет. Нагласи дека буџетот за 2022 година е реализиран речиси 100 процентно и покрај тоа што советниците од опозицијата го критикувале при носењето.

 

На денешната 21-ва редовна седница советот донесе одлуки и за извршување на буџетот за 2023, за утврдување на вредноста на бодот на вработените во општинската администрација, помошно – техничката служба и ТППЕ Кавадарци. Советот даде поддршка и на предложените програми кои општината треба да ги реализира следната година, а се однесуваат во сите области од надлежностите кои ги има општината.  Се разгледаа и беа усвоени и урбанистички документи, програми и извештаи за работа на општински институции. Директорот на ЈП за вршење превоз на патници „Градски превоз“ Кавадарци, Александар Ѓорѓиев го информираше советот за активностите кои се преземени и се преземаат за старт со работа на ова јавно претпријатие на почетокот од следната година.

 

Aнгел Данов



Share

Додади коментар