Државата ќе им даде по 3 денари на визбите за секој откупен килограм вранец
20-09-2016 РЕГИОН

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков денеска соопшти дека субвенции од три денари по килограм откупено винско грозје во 2016 година ќе добијат винариите, за количини кои се над 60 проценти, но не повеќе од 130 отсто во споредба со ланските откупени количини од сортата „вранец“.

 

Ваквата одлука била донесена по средбата со винарските визби, каде винарите кажале дека ќе откупат помалку грозје, бидејќи на европскиот пазар имало понуда со пониска цена, а имало и наплив на вина од многу земји.

 

– Имаме и голем притисок за откуп на сортата „вранец“ имајќи предвид дека таа е веќе стасана, и треба да се откупи во наредните неколку дена. Доколку не неправиме да се откупи,  постои можност да остане на лозовите плантажи. Владата на РМ на седницата која се одржа вчера  донесе одлука да го стимулира откупот, истакна Цветков.

 

Заклучно со вчера откупени се 43 милиони килограми грозје, од кои 26 милиони се од сортата вранец, а останатите количини се од други сорти.

 

Цветков одговарајќи на новинарски прашања информира дека винарската визба „Повардарие“ немала повеќе долгови кон лозарите, додека една винарија која им должела за ланското грозје на лозарите останала без лиценца и не откупува грозје.

 



Share

Додади коментар