Јанчев: Време е ВМРО-ДПМНЕ да се реформира - Мицкоски го надмина и Груевски во однесувањето
01-11-2019 РЕГИОН

Присуството на градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев на партиската трибина на СДСМ во Кавадарци се повод за бројни напади од проопозиционите медиуми врз Јанчев. Градоначалникот на Кавадарци вели дека тоа е обид на Христијан Мицкоски да го дискредитира и смета дека таквите навредливи тонови кои доаѓаат од неговата партија за неговите ставови се некоректни.

 

Јанчев му порачува на Мицкоски да ја погледне снимката од премиерот Зоран Заев, кога пред осум години, во времето додека беше градоначалник на Струмица присуствувал на трибина организирана од ВМРО ДПМНЕ, на чело со Груевски. Потсетува дека дури и Груевски му дозволил на Заев да присуствува на партиската трибина во неговиот град, и порачува дека со однесувањето, Мицкоски го надминал и Груевски.

 

-Уште еднаш, по кој знае кој пат се покажува вистинскиот лик и авторитарната нишка на Христијан Мицкоски. Секаде во цивилизираниот свет градоначалниците присуствуваат на јавни трибини од спротивните политички табори, се со цел за да ги слушнат пораките кои се наменети за доброто на сите граѓани. Оттука, срамно е тоа што Христијан Мицкоски јавно ме премолчува, а тајно на портали игра подземни игри: ме дискредитира и како човек и како градоначалник. Со тоа тој свесно или не, дискредитирајќи ме мене,го дискредитира градоначалникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ кој што со својата работа и посветеност секој ден покажува која е нашата мисија, а тоа е да се работи за доброто на народот, граѓаните да се стават на прво место, пред личните и партиските интереси. Едноставно, срамно е – вели Јанчев за ,,Фокус”.

 

Додава дека ВМРО ДПМНЕ треба да се реформира, бидејќи и самите граѓани препознаваат дека партијата на чело со Мицкоски оди во погрешна насока.

 

„На Мицкоски сакам да му порачам дека јас сум реален човек и се грижам за реални проблеми на граѓаните на град Кавадарци. Знам дека ми е љубоморен, знам дека е нервозен, ама исто така знам дека неговите одлуки, политички сфаќања за политиката, и конкретно за ВМРО ДПМНЕ се погрешни и на моменти делуваат монструозно. Граѓаните денес препознаваат дека нашата партија на чело со Мицкоски оди во погрешна насока, оди против Европа, оди контра НАТО, оди против самата цивилизираност и реална потреба на граѓаните. Време е ВМРО-ДПМНЕ да се реформира, оти вака повеќе не оди – дециден е Јанчев.

 

Видео: Јанчев со коментар за присуството на трибината на СДСМ 31.10.2019

Додади коментар